ФИНИ ТЕЛЕТАБИСИ

Уште не знаеме дали ќе има избори на 5 јуни. А веќе се појави трета опција

13251

 

1 Што беше оваа драма околу Уставниот суд, кој повторно му дозволи на претседателот да може да помилува кого сака, па и осомничени за изборни кражби? Којзнае колку им гори под нозе штом мораа вака набрзина да ги мобилизираат и судиите и партиското членство. Ем судиите да донесат одлука во експресен рок од три недели, ем да ја држат зградата на Уставниот суд под опсада. Море шатори, море автобуси, море спонтана ноќна мобилизација на јавната администрација, па мачкање сендвичи, греена ракија… Уште казани за храна фалеа. Како за вистинска војска.

Замислете како е кога од арно седење дома пред телевизор ви стига порака на мобилниот дека за пола саат се трга за Скопје. Баш ме интересира каков муабет си правеле во автобусите патувајќи во ниедно време во ноќта. „Што убаво им текна во седум навечер да нѐ викнат да патуваме за Скопје, а? Што бараме? Па, ќе ги браниме уставните судии. Малку ќе биде студено оваа ноќ, ама убаво се облековме, а и сендвичи ќе ни дадат. Плус утре не мора на работа да одиме…“

На бранителите на уставните судии им беше кристално јасно зошто се собрани. Тоа се виде од одговорите што ги даваа на телевизија. Еден рече дека протестира за „да падне оваа техничка влада“. Друг рече дека дошол да ги брани институциите. Трет рече дека дошол пред Уставниот суд да се бори против предавниците. Една госпоѓа кажа дека е против изборен криминал. А еден господин му кажа на репортерот: „Оди прашај некој попаметен од мене“. Човекот не требаше да биде толку искрен. Оти неговата искреност во случајов ја компромитираше благородната идеја на неговите истомисленици кои спонтано дошле да ги заштитат институциите од нападот на соросоидите и комуњарите . Да сум јас на место на организаторот, оваа негова искреност би ја казнил. Во најмала рака, не би му дал сендвич.

2 Ниту една револуција во светот не би успеала ако луѓето низ историјата ја имале паметта на сегашните ВМРО-вци. Тие треба да го патентираат изумот „контрапротест“, да се изучува како воена доктрина. Во воените учебници ќе бидат забележани како развој на воените доктрини од Александар до Никола. Фалангата на Александар ќе се изучува како напаѓачка, а контрапротестите на Никола како одбранбена доктрина.

Олеснителна околност за Груевски е што од другата страна ги има СДСМ и неколку невладини организации, кои и по десет години сѐ уште мислат дека со него можат да се борат со фино. Тој со уплашена јавна администрација, со шатори, сендвичи, силни звучници, автобуси, комбиња и борбени песни, а овие финиве со претстава. Им играа „Телетабиси“. Оти се елита. И демек ќе ги исмејат контрапротестантите што им го узурпираа јавниот простор и си направија контрапростор, па ќе ги засрамат. Ха- ха!

Со „Телетабиси“ ли се урива режим? И со најава два дена однапред? За да им остават на ВМРО-вците доволно време да нарачаат автобуси, шатори и сендвичи. Два дена се закануваа на Фејсбук дека ќе бдееле пред Уставниот суд. Ама кога виде Груевски колку народ му собра против него, си ја ангажираше машинеријата. Ако можеше човечињата да се држат за рака и со патент на уста да си гласаат, зошто да не се повозат и до Скопје на контрабдеење? Автобусите со контрабдејачите уште ни Плетвар не го имаа искачено, а бранителите на Уставот од уставните судии веќе дома во пижами и влечки Фејсбук револуција креваа. Башка, да беше потопло може и ќе го одбранеа Уставот. Ама нема лидер за бдеење во трета смена.

3 Нели претседателот Иванов се жалеше дека немал никакви ингеренции како шеф на држава и дека рацете му биле врзани. Е па еве, сега Уставниот суд му ги врати ингеренциите да може да помилува и тешки криминалци.

Ич да не му ја мислите. И тоа што кажуваат дека сега Ѓоле ќе можел да помилува и педофили и убијци е само мачкање очи и дефокусирање од темата. Ќе ги скориваа ли тие луѓето од постела среде ноќ, ќе ги транспортираа ли со автобуси во рани зори, ќе им дигаа ли шатори за да може Ѓоле да помилува педофили, убијци и наркодилери!? Глупости. Се знае зошто го најдоа и адвокатот приправник од Охрид и зошто го брзаа Уставниот суд и зошто утре ќе смислат како со Уставниот суд да го укинат и Специјалното јавно обвинителство. За да може Ѓоле да си ги помилува другарчињата што го донесоа на власт и да ги спаси од Катица. Не е до педофилите. Ѓоле, каков е-таков е, собра храброст и кажа дека никогаш нема да помилува педофили. Ама што правиме со другарчињава? И со сметките во Белизе.

4 Велат дека во Државната изборна комисија се карале и сакале да гласаат дали да го прифатат изборниот список со речиси половина милион гласачи на кои треба да им се прави теренска проверка. Не ми јасно што има тука да се гласа. Колку е, толку е. Како воопшто може да се гласа за бројки?

Ако е точно дека вкрстените проверки од десет бази на податоци покажале дека во Македонија има 156.000 фантомски гласачи, или ако е точно дека не биле толку, туку спорни биле „само 75.000“ како што велат куририте, тоа значи дека најмалку 75.000 пати е злоупотребена службената должност. А само една злоупотреба на службена должност за изборна измама е кривично дело казниво со пет години затвор.

И сега што ќе прават? Ќе измислат контраизбирачки список. Тоа би било сосема конзистентно решение и во духот на волјата на народот. Што ќе одлучи.

5 Не ги жалам оние од државната администрација што морале да одат на митинзи и контрамитинзи по повик од само една СМС или Фејсбук порака од месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Кога на телевизија видов како една државна службеничка се однесува со граѓаните во општина Аеродром што дошле на увид на деталниот урбанистички план, ама ич немам разбирање дека морале да ја слушаат партијата, дека ќе ги избркале од работа, дека немало да им ги вработат децата…

Таа службеничка го покажа вистинското лице на оваа власт што веднаш ќе ти залепи етикета, само за да овозможи натамошно крадење. Видовте ли со каква бруталност и ладнокрвност таа државна службеничка го бранеше уништувањето на јавно добро со што се уништува квалитетот на животот во една од најголемите скопски населби? Видовте ли со каква омраза и понижување им се обраќаше на граѓаните од кои ја прима платата и ја навредуваше екипата на телевизија „Телма“? Па и полиција повика да ја заштити од новинарите оти ѝ вршеле мобинг на работно место! „Ова е ваша телевизија!“, саркастично им викаше на луѓето што ѝ даваат плата.

Како не ѝ е срам? Што мисли таа? Дека Груевски од својот џеб ѝ дава плата? Или Ивица Коневски двои од своја уста за и неа да ја прехрани? Таа покажа дека е спремна брутално да лаже и да брани криминални интереси со истата спремност со која оди по контрамитинзи.

Нека не се жалат дека немале избор. Тие тоа многу свесно го прават. Од наши пари живеат, а бранат приватен, а не јавен интерес.

6 Си седам со друштво во кафеана и доаѓа една девојка, дели флаери. Пишува: „Отворете ги вратите на светот. Изберете ја најдобрата опција за вашиот сон да стане реалност“. Си викам, еј ова некој веќе нелегално почнал со предизборна кампања, кога подолу читам: „Сите типови визи за Австралија, Канада, Америка и Нов Зеланд“.

Уште не знаеме дали ќе има избори на 5 јуни. А веќе се појави трета опција.